Институтот РЕСИС покрена иницијатива за унапредување на стандардите во истражувањата на медиумска писменост во нашата земја. На Мрежата за медиумска писменост, РЕСИС и предложи Насоки за етика во истражувањата на медиумската писменост, што членките на Мрежата ги усвоија во ноември 2020 година по спроведената јавна консултација.
Овој документ утврдува 17 етички принципи кон кои треба да се придржуваат организациите и истражувачите со цел: (1) да обезбедат квалитет, независност и интегритет на истражувањата, (2) да ја зачуваат приватноста на лицата вклучени во истражувањата, (3) да го прилагодат својот пристап и да ги заштитат ранливите групи во истражувањето и (4) одговорно, точно и непристрасно да ги презентираат резултатите од своите истражувања во јавноста.
Повеќе за овој документ погледнете ТУКА.
На онлајн дебата организирана во рамки на Деновите на медиумската писменост за улогата на истражувањата во ова поле, РЕСИС ги претстави наодите од две свои сеопфатни студии што ги детектираат промените во навиките на информирање на публиката поради влијанието на дигиталните технологии, од една страна и критичката свесност и стратегиите на однесување на публиката кон различни видови „негативни“ содржини на интернет, од друга.
И двете студии „Мапирање на нивоата на медиумска писменост во РСМ – кај популацијата на возраст над 16 години“ и „Утврдување на влијанието на новите медиуми врз формирањето на јавното мислење и врз работењето на традиционалните медиуми “ се изработени за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Мрежата за медиумска писменост, чија работа ја координира Агенцијата, е обид за обединување на активностите на сите релевантни субјекти кои можат да придонесат во подигнување на нивото на медиумската писменост кај граѓанитe.