ПУБЛИКАЦИИ
ИНСТИТУТ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НА ОПШТЕСТВЕНИОТ РАЗВОЈ

Медиуми на заедницата: Концепти, развој и искуства - Компаративна студија

Медиумите на заедницата се феномен – самоник, произлезен директно од потребата на различни групи во општеството да најдат начин како да го задоволат оној дел од своите медиумски потреби што не го наоѓаат во главните (мејнстрим) медиуми.

Студијата произлезе од потребата да се изгради автентичен и одржлив модел на онлајн медиум на заедницата во РСМ што ќе ги задоволува комуникациските потреби на сите групи граѓани на локално ниво.

Компаративната студија ги претставува различните теоретски пристапи, стандардите на Советот на Европа за овој вид медиуми, како и искуствата од други земји во создавањето непрофитни медиуми што им служат на локални групи и заедници.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Ставовите и перцепциите на новинарите за транспарентноста на судството: компаративна студија во три земји од Западен Балкан: Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија

Студијата „Ставовите и перцепциите на новинарите за транспарентноста на судството: компаративна студија во три земји од Западен Балкан: Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија“ ги претставува наодите од регионалниот истражувачки проект спроведен меѓу новинари од три земји од Западен Балкан: Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија. Авторка на студијата е д-р Снежана Трпевска од Институтот за истражување на општествениот развој – РЕСИС. Главната цел на студијата е да се добие увид и да се идентификуваат начините за олеснување на дијалогот и соработката меѓу новинарите и судските власти во овие земји, како и да се воспостават приоритетни области и активности за трансформирање на сегашниот „антагонистички“ однос во партнерство заради доброто на јавноста. Ова е прва сеопфатна студија на регионално ниво која компаративно ги испитува различните аспекти и причините за тензичниот однос меѓу овие две професии, исклучително важни во едно демократско општество.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Индикатори за нивото на медиумски слободи и безбедноста на новинарите на Западен Балкан: Компаративна анализа 2022

Институтот РЕСИС ја изработи третата компаративна анализа за нивото на медиумските слободи и безбедноста на новинарите во земјите на Западен Балкан. Како и во претходните два циклуси (2016 и 2018 година) компаративните наоди презентирани во оваа анализа се засноваат врз податоците собрани од партнерите на платформата Safejournalists!, објавени во седум национални извештаи. Проценката од 2016 година идентификуваше многу недостатоци во примената на уставните и законските гаранции за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во земјите на Западен Балкан. Оваа проценка потврди дека процесот на создавање слободно и побезбедно опкружување за работа на медиумите и новинарите е комплексен, бавен и некогаш регресивен бидејќи властите во повеќето земји одбиваат да ги прифатат барањата на новинарските здруженија да ги зголемат медиумските слободи и да ги заштитат новинарите од напади и малтретирања.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Мониторинг на медиумскиот плурализам во дигиталното доба (МПМ 2022): Северна Македонија

Во соработка со Центарот за медиумски плурализам и медиумски слободи од Фиренца (CMPF), тимот на РЕСИС изработи нова проценка на ризиците за медиумскиот плурализам во Северна Македонија, во рамки на проектот Media Pluralism Monitor 2022 (MPM2022). Главниот наод од проценката е дека реформскиот замор, клиентелистичките притисоци од политичкиот домен кон медиумите (и обратно) и внатрешните партиско-политички конфронтации, заедно со структурните притисоци кои не се ексклузивни само за земјава - како што се дезинформациите и мисинформациите во јавната сфера, засилени од здравствените предизвици поврзани со КОВИД 19, сето ова влијаеше врз оценката дека на медиумскиот систем во оваа земја му треба нов поттик за конструктивни промени. Студијата беше објавена во Јули 2022.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Родот во медиумите 2021: Родовите прашања и начинот на претставување на жените и мажите во спортската програма на националните терестријални телевизии

Институтот РЕСИС за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ја изработи Анализата „Родот во медиумите 2021: Родовите прашања и начинот на претставување на жените и мажите во спортската програма на националните терестријални телевизии“. Ова е прва анализа која дава квантитативен и квалитативен увид во тоа колку и на кој начин известуваат националните телевизии за спортистките и спортовите во женска конкуренција, наспроти спортистите и спортовите во машка конкуренција. Анализата беше објавена во Март 2022 година.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Жешки точки во медиумскиот сектор на Северна Македонија: долго чекање за одлучни реформи

Во соработка со Институтот Аспен, РЕСИС објави нова анализа во која се детектираат сè уште присутните структурни пречки за развој на слободата на медиумите во Северна Македонија. Главните наоди во оваа студија се дека пазарот е фрагментиран, повеќето медиуми се финансиски слаби и неодржливи, работниот статус на новинарите е сè уште несигурен и нестабилен, јавниот радиодифузер нема финансиска стабилност, автономија и независност, а пристапот на локалните заедници и ранливите групи до јавната сфера е загрозен. Дополнително, бидејќи социјалните мрежи се главен извор на информации за поголемиот дел од населението, особено за помладите, луѓето се во голема мера изложени на дезинформации и говор на омраза. Анализата беше објавена во Декември 2021.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Мониторинг на медиумскиот плурализам во дигиталното доба (МПМ 2020/2): Северна Македонија

Во соработка со Центарот за медиумски плурализам и медиумски слободи од Фиренца (CMPF), тимот на РЕСИС по втор пат изработи проценка на ризиците за медиумскиот плурализам во земјава, која се однесува на 2020 година. Главниот наод на оваа студија е дека состојбата со медиумскиот плурализам во земјата е генерално подобрена во споредба со проценката направена во 2016 година. Меѓутоа, дел од старите ризици сé уште не се надминати, а се појавија и нови: ширењето на дезинформациите, доминацијата на социјалните мрежи и отсуството на регулаторни механизми за надминување на овие предизвици. Студијата беше објавена во јули 2021 година.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Плурализам на медиумската сопственост во новото медиумско опкружување (2020)

Во Студијата се сумирани најважните концепти во регулирањето на медиумската сопственост во аудиовизуелниот сектор, претставена е регулаторната рамка на ЕУ и законите на неколку европски земји и земји од соседството, а потоа се анализира домашната легислатива и практичните аспекти на нејзиното спроведување. Препораките дадени во Студијата треба да и послужат на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, да изгради предлози за нови законски решенија што ќе овозможат регулирање на медиумската сопственост во променетото дигитално опкружување. Студијата е нарачана од Советот на Европа, како дел од акцијата „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија“ (JUFREX 2).
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Утврдување на влијанието на новите медиуми врз формирањето на јавното мислење и врз работењето на традиционалните медиуми (2020)

Студијата дава сеопфатна слика за променетите навики на публиката во дигиталното опкружување и практиките на огласување во традиционалните и во онлајн медиумите. Истражувањето изобилува со различни видови податоци и претставува прв обид да се мапира состојбата на пазарот на онлајн огласувањето во земјава. Студијата е изработена за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во рамки на нејзината надлежност да го следи развојот аудиовизуелниот сектор и конвергенцијата со електронските комуникации и услугите на информатичкото општество.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Родот во медиумите 2019: Анализа на родовите аспекти во програмата за деца на националните терестријални телевизии

Студијата на Институтот РЕСИС во која се анализираат родовите аспекти во детската програма на националните телевизии, е прво сеопфатно завлегување во родовите прашања во програмите за деца во Република Северна Македонија. Истражувањето, користејќи квалитативна и квантитативна стратегија, ги анализира конструираните општествените маркери за родот во детската програма. Студијата ѝ овозможува на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, да ги дизајнира идните медиумски политики во овој програмски домен.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Мапирање на нивоата на медиумска писменост во РСМ – кај популацијата на возраст над 16 години (2019)

Истражувањето дава сеопфатна слика за индивидуалните обрасци на користење на медиумите, комуникациските навики и вештини на публиката, нивоата на знаење и критичко разбирање на медиумските содржини, како и креативните и партиципативните практики на публиката во современото комуникациско опкружување. Податоците се добиени со теренска анкета на примерок од 1358 испитаници, репрезентативен за населението на РСМ на возраст над 16 години. Студијата е реализирана за Мисијата на ОБСЕ и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која е законски обврзана да презема активности за развивање на медиумската писменост во земјава.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Индикатори за нивото на медиумските слободи и безбедноста на новинарите во Западен Балкан: Компаративна анализа 2018

Анализата ги сумира трендовите во развојот на медиумските слободи и безбедноста на новинарите во Западен Балкан во периодот од 2016 до 2018 година, во поглед на три клучни прашања: какво е правното опкружување во кое работат медиумите и новинарите, каква е позицијата на новинарите во редакциите и колку новинарите се безбедни при вршењето на својата професија? Истражувањето го координираше тимот на РЕСИС а го спроведоа истражувачи на новинарските здруженија и синдикати од БиХ, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија, во рамки на проектот Регионална платформа за застапување за медиумски слободи и безбедност на новинарите, поддржан од Европската унија.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Компаративна анализа на политичкото огласување во медиумите (2018)

Оваа анализа на компаративен начин ја разгледува регулативата за политичкото огласување во медиумите во неколку европски земји и во Северна Македонија. Целта на анализата е да поттикне јавна расправа за аргументите кои ги користат развиените демократии и Европскиот суд за човекови права при оценката на негативното влијание што политичкото огласување може да го има врз јавната сфера, новинарството и, генерално, врз слободата на изразувањето. Анализата е изработена за потребите на Здружението на новинарите на Македонија, со финансиска поддршка на Фондацијата Конрад Аденауер и Европската Унија.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Мониторинг на медиумскиот плурализам во Европа: Примена на Мониторот на медиумскиот плурализам 2017 во Европската унија, Македонија, Србија и Турција

Во анализата која се однесува на 2017 година се идентификуваат потенцијалните ризици за медиумскиот плурализам во РСМ, во четири главни области: Базичната заштита, Пазарниот плурализам, Политичката независност на медиумите и Социјалната инклузивност во медиумскиот сектор. Оваа прва сеопфатна проценка на состојбата со медиумскиот плурализам во земјата е реализирана како дел од проектот Монитор на Медиумскиот Плурализам (МПМ) координиран од Центарот за медиумски плурализам од Фиренца, а поддржан од Европската унија.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Партиципативен модел за јавните медиуми во Македонија: заживување на една идеја (2017)

Овој документ за политики го елаборира тврдењето дека потенцијалот за трансформација на јавниот радиодифузен сервис во Република Македонија мора да се темели врз следниве негови вредности: граѓанство, универзалност, квалитет и доверба. Насоката во која треба да се движи развојот јавната радиотелевизија е ‘партиципативен модел на јавен сервис’ (ПМЈС) – модел кој почива на цврсти и стабилни врски со јавноста и граѓанското општество. Документот е изготвен во рамки на проектот „Перспективи и развој на јавните медиумски сервиси: Компаративна студија на развојот на јавните радиодифузни сервиси од Западен Балкан во светлината на евроинтеграциите“, што го имплементираше Центарот за општествени истражувања Аналитика од Сараево, во соработка со Универзитетот од Фајбург, а финансиран од Швајцарската национална фондација за наука, преку програмата SCOPES.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА
ПОДДРШКА НА НВО
Повеќе
ПОДДРШКА НА ИНСТИТУЦИИ
Повеќе
ИСТРАЖУВАЧКИ ПРОЕКТИ
Повеќе
ИСТРАЖУВАЧКИ ПУБЛИКАЦИИ
Повеќе