ВЕСТИ И НАСТАНИ
ИНСТИТУТ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НА ОПШТЕСТВЕНИОТ РАЗВОЈ

На 20-ти мај 2021 година беше одржана третата работилница организирана од Институтот РЕСИС со поддршка на Програмата Цивика Мобилитас, на која претставниците на ГО кои ги застапуваат ранливите категории граѓани од Југоисточниот регион разговараа за правата на ранливите групи во медиумската област. На работилницата  учествуваа и претставници од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (Сашо Богдановски) и Советот за етика во медиумите (Мирче Адамчевски).

Jugoistochen region rabotilnica

Претставниците на граѓанскиот сектор го споделија своето искуство од соработката со локалните и националните медиуми и дискутираа за можностите за отворање на нови канали на комуникација помеѓу организациите и медиумите. Ленче Христова, од Организацијата на жени од Струмица, нагласи дека добро соработуваат со локалните медиуми (во Струмица има една телевизија и два интернет портали), но имаат проблем со пристапот до националните медиуми, кои се фокусирани главно на дневно-политичките теми. Ретко се случува да се покриваат активностите на граѓанските организации од внатрешноста, а и кога ќе се случи да се пренесе некоја вест тогаш е во термини кога гледаноста е помала, бидејќи медиумите не ти третираат како важни овие теми.

Иванка Соколова од организацијата Женска Акција од Радовиш, изнесе поинакво искуство со локалните медиуми: тие известуваат за темите поврзани со ранливите групи само кога имаат некаков интерес. Понекогаш објавуваат информации за одделни мали акции, доколку нема со што да ја пополнат содржината на вестите. Но, доколку самата граѓанска организација побара да се известува за некоја нивна активност, се случува и да им биде побарано да платат на медиумот за тоа.  Виолета Христова од здружението на граѓани Поддршка од Гевгелија, додаде дека нивната организација редовно ги вклучувала локалните медиуми во своите финансиски планови, односно секое известување што го имале било платено. „Нашите медиуми се известуваат само за политички теми и даваат турски серии, а овие теми за кои ние разговараме, семејното насилство, воспитувањето на децата, болести на зависност итн., за кои можат да дебатираат и дискутираат стручни лица, воопшто не се присутни. Ограничени сме и ускратено ни е од страна на медиумите да слушаме за овие теми.“

Горан Сачевски, претставник на Здружението на лица со интелектуална попреченост - Порака, од Струмица, смета дека граѓанските организации треба да го променат пристапот кон медиумите. Во 2020-та година, која беше особено тешка за граѓаните од ранливите категории и лицата со интелектуална попреченост, тие работеле многу на обезбедување информации што ќе им бидат полесно достапни на граѓаните. Правеле кампањи, настани, имале гостувања во радио емисии, снимале видеа за секојдневниот живот на членовите на нивната организација и во сето тоа имале добра соработката со локалните медиуми. „Ние соработувавме со новинари од Струмица кои ги поканивме да бидат дел од нашиот тим ... тие ни помогнаа да креираме алатки, да научиме како да ја пренесеме нашата порака, како да ги дефинираме нашите публики или кои канали треба да ги користиме за подобра комуникација.“ Комуникацијата со медиумите е вештина која се учи, а самите граѓански организации треба да научат како да пристапуваат на новинарите и како да ги заинтересираат за темите со кои работат.

Сузана Николова, од организацијата Мобилност од Радовиш, додаде дека и нивната организација не е задоволна од сооработката со локалните медиуми, па затоа тие главно се фокусираат со објавување информации за своите активности на нивната Фејсбук страна. Медиумите секогаш се поканети при спроведувањето на активностите, но речиси и да не се појавуваат. Мери Туџарова, од Мобилност од Струмица, нагласи дека граѓанските организации кои ги застапуваат правата на лицата со попреченост треба и самите почесто да организираат јавни дебати за темите што ги засегаат ранливите категории, за да се едуцираат и другите граѓани во заедницата. Ова се многу важни социјални теми од секојдневниот живот, а граѓаните малку знаат за нив, бидејќи медиумите не им даваат соодветно внимание.

ПОДДРШКА НА НВО
Повеќе
ПОДДРШКА НА ИНСТИТУЦИИ
Повеќе
ИСТРАЖУВАЧКИ ПРОЕКТИ
Повеќе
ИСТРАЖУВАЧКИ ПУБЛИКАЦИИ
Повеќе