Еден од наодите на нова студија која ги анализира родовите аспекти на детските емисии во програмите на националните телевизии, открива дека во играната програма од домашна продукција и на Јавниот сервис и на приватните национални телевизии има доминација на општествени вредности карактеристични за патријархалните општества.
Студијата - плод на сеопфатно истражување на Институтот за истражување на општествениот развој - РЕСИС преку анализа на седум дихотомни скали на семантички диференцијали, утврдува дека во емисиите од домашна продукција машките ликови недвосмислено добиваат супериорни општествени маркери. Тие се претставени како помудри, посилни и поактивни од женските ликови, кои се претставени како поплиткоумни, покревки и попасивни од машките. Исто така, анализата покажа дека машките ликови се најчесто во доминантна позиција, а женските во подредена.

„Анализа на родовите аспекти во програмите за деца на националните терестријални телевизии“ е оригинално остварување и е прво квантитативно и квалитативно завлегување во родовите прашања и претставувањето на мажите и жените во програмите за деца во земјава.
Во истражувањето беа опфатени сите емисии за деца емитувани на МРТ1 и МРТ2 – Програма на албански јазик, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма и ТВ Алсат М во периодот од 15 септември до 15 октомври 2019 година. Во вкупно 520 изданија на емисии од домашно и странско производство, со траење од повеќе од 200 часа, беше спроведена родова анализа врз вкупно 4553 ликови од кои 2657 беа женски, 1842 беа машки и 54 безродови.
Наодите на истражувањето во кое освен програмата од жанрот наратив / играна приказна, беа анализирани и музичките, конверзациските и хибридните емисии, беа добиени со употреба на комбинирани методи на прибирање и анализа на податоци - Анализа на содржина (истражувачка техника која дава квантитативни и квалитативни показатели) и со примена на Дискурзивна и на Тематска анализа (квалитативни истражувачки техники).
Медиумите како клучни диспечери за производство на дискурс често произведуваат политички натопен нормативен отпечаток за тоа какви треба да бидат родовите улоги и како треба да изгледаат телата на мажите и жените. Доказите дека детската програма не е исклучок, како и препораките за тоа што треба да се направи следно во регулаторна и програмска смисла, може да ги најдете ако кликнете на овој линк: “РОДОТ ВО МЕДИУМИТЕ 2019: АНАЛИЗА НА РОДОВИТЕ АСПЕКТИ ВО ПРОГРАМИТЕ ЗА ДЕЦА НА НАЦИОНАЛНИТЕ ТЕРЕСТРИЈАЛНИ ТЕЛЕВИЗИИ“