Денес, на 3 септември 2025 година, во хотелот „Кристал Палас“ во Прилеп се одржа обука за пишување новинарски аналитички приказни во рамки на платформата Локал Актив Пелагонија. Настанот е дел од проектот „Медиуми на заедницата за граѓански ангажман“, кој е поддржан од Европската Унија и го спроведува Институтот РЕСИС.

Настанот го посетија претставници на граѓански организации и локални новинари кои се дел од редакцијата на новиот медиум на заедницата Локал Актив Пелагонија, со цел да стекнат нови знаења и вештини за креирање на аналитички стории и обработка на теми од интерес на локалната заедница. Обуката ја подготви и ја водеше Билјана Георгиевска, претседателка на Советот за етика во медиумите и долгогодишна новинарка во македонската секција на Британската радиодифузна корпорација - BBC.
Програмата започна со воведно излагање на Игор Мицевски од Институтот РЕСИС, кој зборуваше за поврзаноста меѓу процесот на создавање медиумски содржини и кристализирањето на општествените барања на локалните заедници, како и за улогата што Локал Актив Пелагонија, како медиум на заедницата, треба да ја има во засилување на напорите за задоволување на тие барања.
Низ три модули, Билјана Георгиевска ги запозна присутните со основите на аналитичкото пишување, целите и структурата на новинарската анализа и методите за пристап до различни извори на информации. Преку практични вежби активистите заедно со новинарите подготвија предлози за креирање на стории за теми кои ги сметаат за најрелевантни во своите заедници, а потоа ги презентираа и дискутираа резултатите.
Особено внимание на оваа обука беше посветено на темите кои директно произлегуваат од секојдневните предизвици на локалните заедници и креирање вести и стории за хипер-локални теми. Учесниците на обуката истакнаа проблеми кои досега биле занемарени или недоволно обработени во мејнстрим медиумите и ги преточија во идеи за идни стории наменети за медиумот на заедницата Локал Актив Пелагонија.
Со оваа активност како и со уредничкиот состанок кој се одржа на маргините, беше отворен новиот циклус во рамки на проектот Локал Актив, кој има цел да ја зајакне улогата на медиумите на заедницата како простор за дијалог, информирање и граѓански ангажман.
Обуката во Прилеп е прв чекор во низа активности кои ќе продолжат во наредниот период со цел да се создаде одржлива практика на аналитичко новинарство на локално ниво и оснажување на граѓаните и активистите да земат активно учество во обликувањето на јавните политики и решавањето на локалните проблеми.
