Институтот РЕСИС почнувајќи од 2022 година, ја реализира иницијативата Локал Актив, со која се развива нов автентичен модел на онлајн медиуми на заедницата, со кои ќе се збогати медиумскиот плурализам и информирањето за локални теми во земјава, ќе се подобри пристапот на локалните заедници до јавната сфера и ќе се поттикнат нови активистички иницијативи од граѓаните за решавање на занемарените локални проблеми. Иницијативата беше примарно поддржана од Националната фондација за демократија (НЕД) од САД, преку проектот „Поттикнување на граѓанскиот ангажман во локалното владеење – Локални Активни Медиуми“, кој започна во јули 2022 година во Источниот и Југоисточниот регион на РСМ. Во иницијативата на почетокот се вклучија 13 локални граѓански организации кои со поддршка на РЕСИС го формираа онлајн медиумот на заедницата Локал Актив Исток. Денес, редакцијата на ЛА Исток се состои од 6 новинари и 17 граѓански активисти кои објавуваат заеднички произведени аналитички приказни и вести за теми од Источниот и Југоисточниот регион. Почнувајќи од јули 2023 година, иницијативата за развивање медиуми на заедницата поддржана од НЕД, беше проширена и во Вардарскиот регион. Беше формирана редакцијата на Локал Актив Вардар, во која работат 5 новинари и активистите на 10 граѓански организации од Вардарскиот регион. Во овој нов циклус, врз основа на објавените приказни, граѓанските организации од сите три региони формулираа конкретни „барања“ до надлежните институции и самите спроведуваа различни активности за решавање на проблемот за кој пишувале на Локал Актив Исток или на Локал Актив Вардар. Од јануари 2025 година, започнаа активностите за формирање медиум на локалната заедница и во Пелагонискиот регион, во рамки на проектот „Медиуми на заедницата за граѓански ангажман“, поддржан од Европската унија. Во овој трет циклус на спроведување на иницијативата Локал Актив ќе биде формирана редакцијата на Локал Актив Пелагонија, ќе се спроведат неколку циклуси на обуки за активистите и новинарите на сите три редакции, ќе се продуцираат и објавуваат аналитички приказни и вести за гражаните од пелагонискиот регион и ќе се поддржат 15 локални активистички иницијативи на граѓанските организации од сите три региони.