РЕСИС објави нова анализа во која се детектираат сè уште присутните структурни пречки за развој на слободата на медиумите во Северна Македонија: пазарот е фрагментиран, повеќето медиуми се финансиски слаби и неодржливи, работниот статус на новинарите е сè уште несигурен и нестабилен, јавниот радиодифузер нема финансиска стабилност, автономија и независност, а пристапот на локалните заедници и ранливите групи до јавната сфера е загрозен. Дополнително, бидејќи социјалните мрежи се главен извор на информации за поголемиот дел од населението, особено за помладите, луѓето се во голема мера изложени на дезинформации и говор на омраза.
Ова создава нови предизвици за регулаторната политика чиј развој заостанува зад технолошкиот напредок. Врз основа на овие размислувања, понудени се неколку препораки за натамошните политики за повторно заживување на долгоочекуваните медиумски реформи во земјата.
Анализата беше основа за дискусија на виртуелната експертска работилница на тема „Медиумските слободи во Западен Балкан“, организирана во октомври 2021 година од страна на Институтот АСПЕН Германија. На работилницата, во отворената и мултиперспективна расправа за слободата на медиумите, учествуваа околу 40 експерти, истражувачи и новинари од регионот, како и носители на одлуките од Европската унија, земјите членки и меѓународни организации. Оваа анализа во декември 2021 година беше објавена на Веб страницата на Институтот АСПЕН, заедно со неколку други аналитички текстови од другите земји во регионот.
Анализата можете да ја прочитате на македонски јазик на ОВОЈ ЛИНК.